Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед и Фенербахче, Фред, во гостување на еден подкаст рече дека Џон Дуран е најлудиот фудбалер со кого делел соблекувална, и раскажа како напаѓачот си го троши талентот.
Џон Дуран пред две години важеше за еден од најперспективните млади фудбалери, но исчезна од сцената кога во јануари 2025 реши да направи трансфер во Саудиска Арабија вреден околу 77 милиони евра.
Авантурата во Ал Наср му траеше кратко, го напушти клубот по само шест месеци, а толку издржа и на позајмица во Фенербахче и Зенит.
Изминатово лето пристигна во Бенфика, каде никако не успева да се наметне посериозно.
Очигледно платата од 20 милиони евра по сезона (се верува дека толку му тежи договорот со Ал Наср) му удри во глава, па тој фудбалот го има ставено во втор план и покрај тоа што има само 23 години.
Во гостување на еден подкаст, Фред сега откри какво било однесувањето на голгетерот од Колумбија.
„Џон Дуран не се грижеше за ништо. Ќе му кажев: „Ајде Дуран, да тренираме, да потрчаме малку.“ А тој ќе ми одговореше: „Брате, јас веќе сум богат. Не морам да трчам.“ Потоа ќе се префрлеше кај физиотерапевтите и ќе се излежуваше“ – раскажа Бразилецот.
Фред откри и уште една интересна анегдота од периодот кога Дуран заминал во Зенит.
„Кога отиде во Зенит, му реков: „Ооо, сега ќе заработуваш уште повеќе пари.“ А тој ми одговори: „Брате, колку повеќе, толку подобро, колку повеќе, толку подобро.““
Понекогаш, кога разговаравме, знаеше да каже: „Јас веќе обезбедив живот за себе, за моето семејство и за уште три генерации.““