Македонската фудбалска репрезентација утревечер ќе гостува кај Швајцарија во четвртото коло од Лигата на нации, со надеж дека ќе ја прекине лошата серија од три порази и без постигнат гол во досегашниот дел од натпреварувањето.
Пред дуелот во Луцерн, дефанзивецот Висар Муслиу истакна дека Македонија мора да функционира како тим доколку сака да се спротивстави на силниот домаќин. Според него, одбраната не е задача само на дефанзивците, туку на целиот тим.
„Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Утре ќе ни биде потребна тимска игра, од напаѓач до одбрана. Сите мора да учествуваме дефанзивно ако сакаме да бидеме успешни“, изјави Муслиу.
Македонскиот репрезентативец признава дека ситуацијата не е лесна, но смета дека играчите мора да преземат одговорност и да покажат повеќе на теренот.
„Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што така го навикнавме народот. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот“, порача дефанзивецот.
Швајцарија е голем фаворит, но Муслиу смета дека Македонија не смее однапред да се помири со улогата на аутсајдер.
„Лигата Б се знае дека е поквалитетна и од тимски и од индивидуален план. Но, мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува, треба и ние за нешто да одлучуваме“, вели Муслиу.
Тој признава дека репрезентативците се свесни за критиките по трите порази, но потенцира дека мора да останат фокусирани и да се обидат да ја вратат довербата кај јавноста.
„Сите играчи знаат во каква ситуација сме. Убеден сум дека сите што сме во соблекувалната знаеме за каква ситуација се зборува. Мора да направиме нешто за да бидеме подобри. Ние сме професионалци и кога претставуваш држава, мора на секој меч да се трудиме да бидеме подобри“, истакна Муслиу.
Дефанзивецот се осврна и на навредите од јавноста по лошите резултати. Тој побара критиките да имаат граница и порача дека токму сега репрезентативците имаат најголема потреба од поддршка.
„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро и никој ништо не кажува, тоа е едно. Но, кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Знаеме што се случува, не сме наивни. Сега ни е најмногу потребна поддршката“, рече Муслиу.
Тој додава дека никому во репрезентацијата не му е сеедно што Македонија сè уште нема победа и гол во Лигата на нации.
„Не е исто и за нас што немаме победа и гол, но мора да гледаме напред. И критиките треба да имаат една граница. Не можеме тоа да го контролираме. Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас“, порача Муслиу.
Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра утревечер од 20:45 часот.