Седлоски: Утре сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите!

by Стефан
2 минути читање

Македонската фудбалска репрезентација утре во Луцерн ќе го одигра вториот натпревар против Швајцарија во рамките на Лигата на нации, а селекторот Гоце Седлоски верува во подобро издание од она во Скопје.

Пред десет дена Македонија на домашен терен загуби со 0-3, во натпревар во кој не направиме ништо сериозно пред противничкиот гол.

„Пред десет дена игравме со Швајцарија и знаеме каква репрезентација е и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч во Скопје. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме и головите што ги примивме. Тоа може да го направиме само со колективна игра, еден за друг“, изјави Седлоски.

Македонскиот селектор е свесен дека пред неговите фудбалери стои исклучително тежок предизвик, но не се откажува од позитивен резултат.

„Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме еден добар натпревар за нас и да се израдуваме по поразите кои ги имавме“, порача Седлоски.

Тој воедно побара критиките по досегашните резултати да бидат насочени кон него, а јавноста да им даде поддршка на репрезентативците.

„Критиките нека одат кон мене, а играчите да добијат поддршка. Потребна им е во овој момент. Здравствениот билтен е добар, немаме повреден

Седлоски најави дека во Луцерн ќе има новитети во составот. Причината е и згуснатиот распоред, бидејќи Македонија треба да одигра четири натпревари во период од само 12 дена.

„Немаме победено натпревар, немаме дадено гол, а на сите играчи им дадов шанса на овие три меча. Ќе има новитети, ќе играат и некои кои досега не играле, затоа што во краток период, четири меча за 12 дена, тешко е тоа да се издржи“, објасни Седлоски.

Еден од играчите кој би можел да се најде во стартниот состав е Езѓан Алиоски. Тој во Скопје требаше да влезе во игра, но почувствувал болка во листот.

„На натпреварот кој го игравме во Скопје, Алиоски требаше да влезе, но почувствува болка во листот. Имаше терапии и дојде пред последниот натпревар кој го игравме. Беше на трибините за да не ја повтори повредата. Сигурно дека утре ќе биде во конкуренција да почне“, рече селекторот.

Македонија, според најавите, ќе настапи со свежи сили, а Седлоски конечниот состав ќе го одреди по последните проценки.

„Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период и толку натпревари во кратко време. Последниот тренинг мина добро, сите се спремни и имаат желба. Излегуваме да се покажеме, а кој ќе игра, ќе одлучам утре“, заврши Седлоски.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија од четвртото коло во Лигата на нации се игра утре во Луцерн, со почеток од 20:45 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×