Напаѓачот на македонската репрезентација, Бојан Миовски вели дека сега е време да се покаже на терен дека работите може да се променат во позитивна насока.
Македонија утре со почеток од 20:45 часот ја пречекува Шкотска во натпревар од третото коло во Лигата на нации. Се уште ја чекаме првата победа под водство на Гоце Седлоски, на тие шест натпревари немаме дадено ниту еден гол.
Еден од оние фудбалери кои се задолжени за давање на голови е Бојан Миовски кој најдобро од сите во нашиот состав го познава шкотскиот фудбал.
„Сега е момент кога треба да покажеме карактер и заедништво, немаме резултати какви што посакуваме, сега е време работите да ги промениме на терен“, вели Миовски.
„Шкотска е одлична репрезентација, знаеме каде играат играчите. Шкотска на последното СП не се покажа како што очекував. Има повеќе играчи кои играат во Ренџерс, кои ми се соиграчи. Тие исто така се во резултатска криза, немаат постигнато гол, имаат нов селектор“.
„Ние мора да го покажеме нашиот квалитет на терен, да бидеме колектив, бидејќи ние не можеме да се потпреме на индивидуалци, нашиот квалитет е тимска игра“.