Реми за младинците во Битола против Црна Гора на официјалното деби за селекторот Таневски (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Македонската фудбалска репрезентација одигра 1-1 против Црна Гора во Битола, во рамките на петтото коло од квалификациите. Иако Македонија одамна ги загуби шансите за пласман и во завршницата од циклусот влезе без резултатски императив, дуелот послужи како можност за новиот селектор Александар Таневски да ги провери силите на тимот пред почетокот на новиот квалификациски циклус.

Во натпревар со прилично изедначена игра на двете страни, Црна Гора прва стигна до предност. Костиќ погоди во финишот од првото полувреме и го донесе својот тим во водство. Македонија возврати во 57. минута, кога Љатифи беше сигурен реализатор од белата точка и го постави конечниот резултат.

Во самиот финиш македонските фудбалери имаа одлична можност за целосен пресврт. Аритон Мехмед се најде во идеална позиција, но неговиот удар со глава не заврши во мрежата.

Со освоениот бод Црна Гора стигна до 11 бода, додека Македонија има седум и се наоѓа на претпоследната позиција на табелата.

За селекторот Александар Таневски ова беше прв официјален натпревар на клупата на Македонија. Претходно, пред неколку дена, тој ја предводеше репрезентацијата на пријателскиот натпревар против Русија, кој заврши со победа на противникот од 3-2.

Македонија ќе ги затвори квалификациите за четири дена, кога на гостински терен ќе се соочи со Шведска.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×