Македонската репрезентација до 17 години одигра 1-1 против Луксембург во вториот контролен натпревар меѓу двете селекции. Средбата се одигра во тренинг-центарот „Пандев“ во Струмица.
По убедливата победа од 4-1 на првиот меч, овојпат младите македонски фудбалери мораа да се задоволат со реми.
Првото полувреме не донесе многу возбудувања. Двете селекции внимателно влегоа во натпреварот, а по почетното одмерување на силите изостанаа посериозни шанси за гол. На паузата се замина со почетниот резултат 0:0.
Во продолжението темпото се зголеми, а Македонија беше близу до водство во 80. минута. Марин Крстевски се најде во одлична позиција, но не успеа да ја реализира шансата.
Казната стигна во самиот финиш. Луксембург во 89. минута успеа да го совлада нашиот голман и да поведе со 0-1.
Сепак, избраниците на селекторот Иљами Исејни не се откажаа и веднаш возвратија. Во 91. минута следуваше одлично нафрлување во шеснаесетникот на Луксембург, а Илија Аксентиев беше највисок во скокот и со прецизен удар со глава ги постави конечните 1:1.
Исејни на овој натпревар стартуваше со комбиниран состав, давајќи шанса на фудбалерите кои беа на клупата во првиот меѓусебен дуел. Во продолжението минутажа добија и останатите репрезентативци.
Македонија У17: Димитар Петров, Михајло Павлов, Стефан Стефаноски, Павел Стојанов, Леарт Исеини, Ејсер Фетаи, Огнен Сивевски, Рон Мемеди, Боби Недановски, Благоја Седлоски, Огнен Јаков.
Играа уште: Илан Мемети, Петар Талески, Адриан Велески, Матеја Масев, Амар Акики, Александар Полимац, Дардан Адеми, Марин Крстевски, Илија Аксентиев, Матеј Николов, Далибор Марковиќ и Аулон Куртиши.