„Седло не се мачи, дај си оставка ако си малце паметен“

by Стефан
2 минути читање

Негативната серија на македонската фудбалска репрезентација продолжува, а по поразот од Словенија во Љубљана, со реакција се огласи и поранешниот репрезентативец Игор Ѓузелов.

Македонската селекција повторно не успеа да постигне гол, со што незадоволството во јавноста дополнително се зголеми. По натпреварот со Словенија, Ѓузелов преку својот профил на „Фејсбук“ испрати директна порака до селекторот Гоце Седлоски, од кого побара да поднесе оставка.

„Седло, не се мачи, биди поштен сам спрема себе, дај си оставка одма ако си и малце паметен, на сила убавина не бива. (искрен совет) Со секој следен ден, со секој следен натпревар, со секоја твоја следна изјава само тонеш и тонеш… едноставно не ти оди, од авион се гледа дека нема никаква сплотеност помеѓу тебе, играчите и раководството на ФФМ. Моментално комплетна ФФМ е во слободен пад, нокаутирана е и не знае што и како понатаму. (такви негативни резултати А репрезентацијата никогаш немала) Не дека следниот селектор ќе направи чудо, него народот секојпат бара „жртва“ за да се засити до следната…, а никој не ја кажува вистината или реалната слика! Имаме ли струка? Имаме ли капацитет? Имаме ли квалитет? Каков квалитет? Ограничен? Можеме ние да играме со секого, но реалноста е друга. Арменија, Кипар, Малта, Грузија, Бугарија, Лихтенштајн, Казакстан, Гибралтар, Естонија, Латвија …, тоа за нас е реалноста во моментот, а тоа што било порано, како сме можеле тогаш, е тоа веќе го нема , назад нема за жал, а за напред тешко, ептен тешко, со Господ напред“, напиша Ѓузелов.

Поранешниот репрезентативец во дресот на Македонија забележа 18 настапи во периодот од 1998 до 2003 година. Во клупската кариера настапуваше за Беласица, Силекс, Хајдук Сплит, Шахтјор Доњецк, Металург Доњецк, Хапоел Петах Тиква и белгиски Серкл Бриж.

Македонија моментално се наоѓа во серија од 10 натпревари без победа, а без гол сме на последните шест натпревари од дуелот со Велс кога на клупата беше Благоја Милевски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×