Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва со почеток од 20:45 часот ѝ гостува на Словенија во натпревар од второто коло во Лигата на нации.
Македонските фудбалери ќе истрчаат на стадионот „Стожице“ со цел да го поправат впечатокот од мечот со Швајцарија на кој се покажаа во многу бледо издание.
Македонија под водство на Гоце Седлоски нема дадено гол. Минаа пет меча откако тој седна на селекторското столче, ние никако да погодиме.
Имаме потешкотии да создаваме шанси, статистиката е сурова, таа вели дека на тие пет натпревари само петтпати сме упатиле удар во рамките од голот на противникот. На мечот на Швајцарија тоа не го направивме, немавме ниту еден прецизен шут.
Нашата репрезентација не знае за победа повеќе од една година. На последните девет натпревари имаме четири порази и пет нерешени резултати.
Селекторот Седлоски за денешниот меч против Словенија најави промени во тимот, свеж состав со кој ќе им се спротивстави на Словенците кои исто така не се во некоја добра форма. Имаат само една победа на последните 11 натпревари.
Македонија има позитивен биланс во меѓусебните дуели со Словенија. Досега сме одиграле седум натпревари, нашата репрезентација победила на четири од нив, две средби завршиле нерешено, имаме само еден пораз. Гол разликата е 13-7 во наша полза.
Дали Словенија е идеален противник за прекин на голгетерскиот пост, а можеби и за победа, останува да видиме вечер.