На денешната прес-конференција пред натпреварот со Швајцарија, покрај капитенот Енис Барди и селекторот Гоце Седлоски, се обрати и еден од најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас.
Фудбалерот на Аталанта очекува исклучително тежок дуел против силната швајцарска репрезентација, но верува дека Македонија може да стигне до позитивен резултат.
„Очекувам тежок натпревар. Играме со силна репрезентација и знаеме каде стигна ова лето на Мундијалот. Но, ние сме максимално подготвени и ќе дадеме сè од себе за позитивен резултат“, изјави Елмас.
Тој се осврна и на младите фудбалери кои се приклучуваат кон репрезентацијата, посочувајќи дека и самиот знае како е да се биде на нивно место.
„Ние бевме млади кога дојдовме, а сега ни е чест да ги пречекаме новите репрезентативци. Знаеме како е кога првпат ќе дојдете тука. На секого му е чест да игра за својата држава. Дури мислам дека треба уште повеќе да им даваме шанса на младите за да собираат искуство“, додаде македонскиот репрезентативец.
Елмас потенцираше дека во репрезентативниот дрес клубската ситуација останува во втор план и најважно е да се даде максимум на теренот.
„Кога сме тука, не гледаме на клупската ситуација, туку даваме максимум. Верувам дека и утре ќе имаме позитивен резултат“, порача Елмас.
Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија е закажан за утре од 20:45 часот.