Франческо Тоти откри дека пред две години одбил спектакуларно враќање во Серија А, на маса имал понуди од Џенова и Комо, но повторно од љубов кон Рома кажал НЕ.
Легендарниот Франческо Тоти во 2024 изјави дека има предлог повторно да заигра во Серија А на 48 години, но спектакуларно враќање на „Принцот“ не се случи.
Во својата нова автобиографија, легендата на Рома сега открива дека понудите биле од Џенова и Комо. Тој сериозно размислувал за една нова авантура, но на крајот повторно од љубов кон „волчицата“ кажал НЕ.
„Им кажав НЕ на Џенова и Комо кога имав 48 години!“ – пишува Тоти.
„Тренер на Џенова беше Алберто Џилардино, светски шампион како мене со Италија во 2006 година, додека на клупата на Комо веќе беше Сеск Фабрегас, еден од големите играчи во историјата на фудбалот. Џилардино имаше 42 години, Фабрегас 37, што значи дека јас ќе бев шест, односно 11 години постар од луѓето кои се платени за да ми кажуваат што да правам“.
„Ова не се никакви урбани легенди, туку чиста вистина. Неверојатно, но вистинито. Лудо“.
„Први ми се јавија директорите на Џенова и разговарав директно со нив. Ми поставија едноставно прашање: „Па, сакаш ли да го доживееш ова ново искуство или не?“ Беа сериозни“.
„Ми требаше малку време да одлучам, а пред да им одговорам, почнав напорно да тренирам. Навистина напорно. Ми се допаѓаше „Мараси“, прекрасен стадион во англиски стил, со страствени навивачи кои ги следат натпреварите речиси залепени за теренот. Ги чувствуваш како да ти дишат во врат“.
„А потоа, токму против Џенова, го одиграв последниот натпревар во дресот на Рома. Гледате, судбина“.
„Џилардино одвреме-навреме ќе ми пишеше на „ВацАп“: „И?“ Мојот разум ми велеше дека можам да прифатам, но срцето не сакаше. Потоа улогите се сменија, мислите ми се забавија, а срцето ми забрза. Но, факт е дека на крајот секогаш доаѓав до истиот заклучок, до едно прашање што постојано си го поставував: „Дали е можно да играм за клуб различен од Рома?“
„Но предавство си е предавство, без разлика дали имаш 18 или 48 години“.