На 85-годишна возраст почина Томче Филиповски, едно од најпрепознатливите имиња во историјата на Работнички.
Филиповски цели 18 години го носеше дресот на клубот од Дебар Маало, период во кој остави длабока трага. За Работнички настапи на неверојатни 633 натпревари и постигна 225 голови.
Иако во текот на кариерата имал бројни понуди за промена на средината, Филиповски остана верен на Работнички. Целата своја играчка кариера ја мина во Дебар Маало, со што се стекна со статус на вистинска клупска легенда.
По завршувањето на кариерата не се оддалечи од фудбалот, туку продолжи да работи како фудбалски функционер. Од 1987 до 1991 година ја извршуваше функцијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.
Во периодот додека беше на чело на сојузот, југословенската репрезентација настапи на Олимписките игри во Сеул во 1988 година, како и на Светското првенство во Италија во 1990 година.
Погребот на Филиповски ќе се одржи утре на Градските гробишта во Бутел, во периодот од 11:30 до 12:30 часот.