Финалето во ЛШ се враќа во домот на Барса по три децении: Последното беше едно најлудите!

by Стефан
2 минути читање

УЕФА ги одреди стадионите на кои ќе се играат финалињата во Лигата на шампионите во 2028 и 2029 година.

На денешниот состанок на Извршниот комитет во Солун беше донесена одлука најголемиот натпревар во европскиот клупски фудбал во 2028 година да се одигра на „Алијанц Арена“ во Минхен. Една година подоцна, спектаклот ќе се пресели во Барселона, каде што финалето ќе се игра на „Камп Ноу“.

Минхен беше единствениот кандидат за организација на финалето во 2028 година, додека за домаќин на завршниот натпревар во 2029 година се бореа Барселона и Лондон. На крајот, УЕФА му ја довери организацијата на „Камп Ноу“, кој го доби изборот пред лондонски „Вембли“.

„Алијанц Арена“ релативно неодамна беше во центарот на европскиот фудбал. Во 2025 година таму се играше финалето во кое Пари Сен Жермен со убедливи 5-0 го совлада Интер и за првпат во својата историја ја освои титулата европски шампион.

Но, минхенскиот стадион има уште едно незаборавно финале во својата историја. Во 2012 година Баерн Минхен играше пред своите навивачи против Челси. Германскиот тим поведе со голот на Томас Милер, но Дидие Дрогба во финишот израмни. По продолженијата, Челси беше поуспешен и во пенал-серијата и стигна до својата прва европска титула.

„Камп Ноу“ пак по пауза од три децении повторно ќе биде домаќин на финалето во Лигата на шампионите. Последен пат најважниот меч во европскиот клупски фудбал се играше таму во 1999 година.

Тогаш Манчестер Јунајтед приреди едно од најголемите чуда во историјата на натпреварувањето. Баерн имаше водство до самата завршница, но англискиот гигант во судиското продолжение постигна два гола преку Теди Шерингам и Оле Гунар Солшер и со пресврт од 2-1 ја освои титулата.

Три децении подоцна, „Камп Ноу“ повторно ќе биде домаќин на европското финале, а фудбалските фанови веќе имаат причина да очекуваат нов спектакл во Барселона.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×