Маурисио Покетино, кој беше на кормилото на „сините“ во периодот 2023-2024, вели дека на Челси требала да му биде одземена титулата од 2017, и Тотнем да бил прогласен за шампион на Англија.
Челси доби парична глоба и како и условна забрана за трансфери откако клубот призна дека ги прекршил правилата за трансфери во периодот од 2011 до 2018 година, период кога газда беше Роман Абрамович.
„Сините“ признаа дека незаконски исплатиле околу 47 милиони фунти на агенти и трети лица, меѓу другото и при трансферот на својата тогашна ѕвезда Еден Азар.
Премиерлигата им прогледа низ прсти и се реши за поблага казна затоа што новите сопственици Тод Боли и „Клирлејк Капитал“ само го пријавиле случајот.
Но Маурисио Покетино смета дека Челси требал да биде жестоко казнет и да остане без титулата во Премиерлигата во сезоната 2016/17, а неговиот Тотнем да бил прогласен за шампион на Англија.
„Требаше да освоиме титула во Премиерлигата, требаше да ни биде доделена“ – вели Аргентинецот, кој беше тренер на Тотнем од 2014 до 2019.
„Ако навистина е точно тоа за прекршувањата на правилата од страна на Челси, тогаш без сомнение Тотнем заслужува да биде шампион таа година (2017). Чим признале, приказната е јасна. Титутлата требеше да му припадне на тимот што заврши на второто место“.
„Може да се каже дека тие постигнуваа голови и победуваа натпревари. Во ред. Но, сосема е оправдано да се каже дека ние не влеговме во сезоната со исти услови како нив“.
„Ако правилата беа исти за сите, можеби и ние ќе можевме да ангажираме некои играчи кои ќе го направеа тимот поквалитетен и ќе ни донесеа повеќе голови“.
„Не се жалам, само ја кажувам вистината. Навивачите на Челси веројатно ќе бидат лути на мене. Но ако Тотнем ги прекршиле правилата, ќе го кажев истото „Не ја заслужуваме титулата затоа што ги прекршивме правилата““.
„Не може некои клубови да играат според правилата за офсајд, а други да играат без нив, или едни да имаат ВАР, а други да немаат. Правилата мора да бидат исти за сите. Само тогаш секој има еднаква можност да го изгради најдобриот можен тим“.
„Не велам дека Челси не играше добро или дека Конте не беше одличен тренер. Воопшто не го тврдам тоа. Не сакам моите зборови да бидат погрешно протолкувани. Но, ако сте ги прекршиле правилата, тогаш, чао, титулата треба да му припадне на друг тим. Не ми е јасно зошто тоа не се случи“.
Маурисио Покетино го предводеше Челси во сезоната 2023/24, а претходно помина пет години на клупата на Тотенхем без да освои трофеј, нешто што очигледно и денес го фрустрира.