Притисокот врз Џани Инфантино околу предлогот за влез на приватен капитал во натпреварувањата на ФИФА продолжува да расте, а нов удар за претседателот на светската куќа на фудбалот е заминувањето на неговиот долгогодишен советник Карлос Кордеиро.
Откако УЕФА јавно се спротивстави на идејата и најави можен бојкот на натпреварувањата на ФИФА, а против предлогот се изјаснија и дел од другите конфедерации, Кордеиро реши да ја напушти функцијата и во соопштение детално ја образложи својата одлука.
„Фудбалот е централен дел од мојот живот и по 35 години во банкарството сфатив колку вреди тој ресурс и какви се последиците ако се откажеме од него. Затоа овој предлог треба да се одбие. ФИФА веќе има неверојатни финансии, организацијата располага со милијарди долари и нема долгови. Заработката од 2022 до 2026 година изнесуваше 15 милијарди“, порача Кордеиро.
Поранешниот советник на Инфантино смета дека нема никаква економска оправданост ФИФА да продава удел во своите највредни натпреварувања.
„Ако членките веруваат дека се потребни дополнителни вложувања за да се развие играта, ФИФА веќе има капацитет да го поддржи тоа со постојните ресурси. Продажбата на акции во највредниот фудбалски ресурс за вредноста да порасне за четири милијарди долари нема многу смисла. Фудбалот ќе биде ставен под хипотека без вистинска причина“, додаде Кордеиро.
Во меѓувреме, несогласувањата околу ова прашање продолжуваат да ја продлабочуваат кризата во односите меѓу ФИФА и дел од највлијателните фудбалски организации.