Со двата денешни натпревари во Кратово и Скопје ќе биде затворено првото коло во ПМФЛ кое досега оди во знакот на фаворитите.
Силекс на свој терен ќе го пречека Башкими и кратовчани ќе бидат фаворити во пресметката со кумановскиот ривал. И оваа сезона избраниците на Александар Васоски имаат високи амбиции, а не разочараа и во европскиот настап против силниот Динамо Минск од кого беа елиминирани на пенали.
Башкими од друга страна сигурно нема да излезе со бело знаме и ќе се обиде да влезе во сезоната со позитивен резултат. Овој дуел е прв на програмата и се игра од 17:00 часот.
Во втората пресметка вицешампионот Шкендија ќе биде уште поголем фаворит против новиот прволигаш Скопје. Тетовци овој дуел ќе го играат на терените на Фудбалската федерација на Македонија во Аеродром, па само тоа е на страната на гостите од Автокоманда.
Двете екипи во сезоната тргнуваат и со нови тренери, Шкендија ја презема Артим Положани кој веќе го водеше тимот во европските квалификации, додека Муарем Муарем ќе дебитира кај Скопје во официјален натпревар.
Овој натпревар е закажан за во терминот од 19:00 часот. Ќе потсетиме, досега победи забележаа Тиквеш со Арсими 5-1, Струга со Шкендија Арачиново 3-0 и Вардар против Брегалница 2-0.