Струга Трим Лум ја отвора новата сезона на домашен терен и денеска (17 часот) го пречекува новиот прволигаш Шкендија Арачиново. Капитенот на стружани Буњамин Шабани очекува неговиот тим да стартува со триумф и три бода, но истакна дека противникот заслужува максимален респект.
Се очекува Шабани денеска да го одигра својот 200. јубилеен натпревар во дресот на струшкиот клуб во сите натпреварувања.
„Мечот против Шкендија Арачиново е многу важен за нас, затоа што се работи за почеток на новото првенство. Работевме напорно во подготвителниот период и сметам дека целосно подготвени го очекуваме стартот на сезона. Иако оваа сезона првпат ќе настапуваат во Првата лига, тие беа многу активни на трансфер-пазарот и доведоа неколку квалитетни фудбалери. Станува збор за екипа која заслужува почит. Ние добро ги анализиравме и мора да го дадеме максимумот ако сакаме првенството да го започнеме на начин каков што посакуваме. Можам да кажам дека ова е голема чест и чувство кое тешко се опишува со зборови. Не е лесно да влезете во историјата на еден клуб, но еве, тоа ми се случува. Ова покажува колку се важни меѓусебната доверба, лојалноста и почитта што ги имаме. Искрено, во Струга се чувствувам како дома и се надевам дека овој јубилеј ќе го прославиме со победа на денешниот натпревар“, смета Шабани.
Дефанзивецот Бесир Демири верува дека тимот од Арачиново имаше квалитетни подготовки за претстојната сезона.
„Среќен сум што ќе бидам дел од овој историски натпревар за клубот од моето родно место. Ова ќе биде наш прв дуел во Првата лига и, без сомнеж, ќе донесе мешавина од емоции, гордост, но истовремено и голема одговорност. Екипата работеше исклучително добро за време на подготвителната фаза под водство на тренерот Берат Имери. Исто така, донесовме и значајни засилувања за кои верувам дека дополнително ќе го подигнат квалитетот на тимот. Судбината сакаше нашиот прв натпревар да биде токму против клуб како Струга – стабилна екипа која со години е во самиот врв на домашниот фудбал. Сепак, ние сме Шкендија и не патуваме во Струга како туристи. Одиме таму да играме фудбал, да го дадеме максимумот и, по интензивниот подготвителен период, да се покажеме во вистинско светло на теренот и да ги видиме резултатите од нашата работа“, изјави Демири.
Средбата во Струга се игра во терминот од 17:00 часот.