Вардар не успеа да го мине фински КуПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, а по елиминацијата своите впечатоци ги сподели фудбалерот на „црвено-црните“, Михаил Маневски.
Скопскиот тим во реваншот во Купио отпатува со негатива од 2:0 од првиот натпревар, но одигра храбро и успеа да избори продолженија. Сепак, тоа не беше доволно за целосен пресврт и пласман во следната рунда.
По елиминацијата од Лигата на шампионите, Вардар европскиот пат ќе го продолжи во квалификациите за Конференциската лига, каде на 23 јули во Скопје ќе ја пречека летонска Рига во првиот натпревар од двомечот.
„Натпреварот во Финска го одигравме добро. Успеавме да победиме, но за жал со недоволна разлика да одиме понатаму. Во текот на мечот се држевме добро, но во продолжението на виделина излезе оној плус што КуПС го имаше уште пред овој двомеч, тоа е што е во натпреварувачки ритам. Сега ги продолжуваме европските настапи во Конференциската лига, каде следи двомеч со летонска Рига. Ќе го дадеме најдоброто од себе, првиот меч ни е дома и ќе се бориме да ја поправиме сликата пред нашите навивачи“, кажа Маневски.