На годинешниот Мундијал за првпат во историјата на Светските првенства во полуфиналето ќе се најдат четирите најдоброрангирани репрезентации според ФИФА-листата.
За трофејот остануваат да се борат Аргентина, Франција, Шпанија и Англија, селекции кои во моментов се на самиот врв на светскиот фудбал и со своите резултати ја потврдија улогата на најголеми фаворити.
Првото полуфинале е закажано за вторник (14 јули), кога во Арлингтон ќе се сретнат Франција и Шпанија, со почеток од 21 часот по македонско време. Само 24 часа подоцна, во истиот термин, во Атланта ќе се одигра вториот дуел за место во големото финале, во кој актуелниот светски шампион Аргентина ќе ги одмери силите со Англија.
Фактот што токму првите четири селекции од ФИФА-ранкингот стигнаа до завршницата е уште една потврда за квалитетот и доминацијата на фудбалските велесили на овој шампионат. Дел од аналитичарите веќе го нарекуваат ова едно од најсилните полуфиналиња во историјата на Мундијалите.
Сепак, не недостигаат ниту теории дека ваквата завршница е резултат на одредено „режирање“ од страна на структурите во ФИФА, со цел дополнително да се зголеми интересот кај навивачите и финансискиот ефект од најголемото фудбалско натпреварување.
Победниците од полуфиналните пресметки ќе се борат за светската титула на 19 јули, додека поразените селекции еден ден претходно ќе го одиграат мечот за третото место.