Златан Ибрахимовиќ без задршка го критикуваше белгискиот селектор Руди Гарсија по елиминацијата на Белгија од Шпанија во четвртфиналето на Светското првенство, оценувајќи дека токму една негова одлука била пресудна за поразот.
Гостувајќи како стручен коментатор во студиото на „Фокс“, легендарниот Швеѓанец посочи дека внесувањето на резервниот голман Сене Ламенс, наместо Мајк Пендерс, било голема грешка што скапо ја чинела белгиската репрезентација.
Во завршницата од натпреварот, повредениот Тибо Куртоа мораше да го напушти теренот, а на негово место влезе Ламенс. Подоцна токму по негова грешка, Микел Мерино го постигна победничкиот гол со кој Шпанија обезбеди место во полуфиналето.
„Сметам дека селекторот е директно одговорен за овој пораз. Тоа е одлуката што Белгија ја плати со елиминација“, изјави Ибрахимовиќ.
Потоа објасни зошто смета дека Гарсија направил сериозен пропуст.
„Зошто го внесувате Сене Ламенс од Манчестер јунајтед, а Мајк Пендерс седи на клупата? Дали причината е тоа што Ламенс брани за Манчестер јунајтед, а Пендерс за Стразбур? Така не се избира голман за репрезентацијата“, рече Ибрахимовиќ.
Легендарниот напаѓач не застана само на критиките кон селекторот, туку директно го оспори и квалитетот на Ламенс.
„Ламенс не е голман за ова ниво. Преценет е. Пендерс е многу подобар и тоа секој може да го види.“
На крајот, Ибрахимовиќ испрати остри зборови и кон остатокот од стручниот штаб на Белгија.
„Катастрофално ја водевте оваа ситуација. Срамота! Треба да ве биде срам и селекторот и тренерот на голманите“, порача Ибрахимовиќ.