Поранешниот сопственик и долгогодишен претседател на Челси, Кен Бејтс, почина утрово во Монако на 94-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди и лондонскиот клуб, кој преку официјално соопштение изрази сочувство до неговото семејство.
„Со голема тага ја соопштуваме веста за смртта на Кен Бејтс, поранешен сопственик и претседател на Челси. Клубот упатува искрено сочувство до неговата сопруга Сузана, семејството и пријателите. Неговата решителност да се бори за Челси во тешките периоди и лидерството со кое клубот стигна до освојување трофеи никогаш нема да бидат заборавени“, се наведува во соопштението.
Бејтс беше на чело на Челси цели 22 години, што го прави трет најдолговечен претседател во историјата на клубот. Неговиот мандат се смета за еден од најзначајните периоди во развојот на „сините“, бидејќи во тоа време клубот се стабилизираше и повторно се издигна на англиската и европската сцена.
Во периодот додека Бејтс беше прв човек на клубот, Челси се врати во англиската елита и освои низа значајни трофеи, меѓу кои два ФА Купа, Купот на победниците на куповите, Лига купот, Суперкупот на УЕФА и Комјунити Шилд.
Rest in peace, Ken Bates. 🕊💙 pic.twitter.com/lWEqmYm94i
— Chelsea Dodgers (@TheBlueDodger) July 11, 2026