Легендарниот велшки фудбалер и поранешен ас на Арсенал, Арон Ремзи, официјално е назначен за нов шеф на стручниот штаб на Оксфорд Јунајтед, потврди англискиот клуб кој настапува во Лига 1.
По завршувањето на играчката кариера во април годинава, Ремзи започнува ново поглавје во фудбалот како тренер. Ова ќе биде негов прв самостоен и долгорочен ангажман како главен тренер, откако претходно привремено го водеше Кардиф Сити на три натпревари.
„Немаше да ја прифатам оваа можност доколку не верував дека сум подготвен за предизвикот. Во изминатите години активно се подготвував за тренерска кариера. Уште од првите разговори ја препознав амбицијата на раководството и почувствував дека ова е вистинската средина за мојот развој“, изјави Ремзи по назначувањето.
Велшанецот го наследува Мет Блумфилд, кој не успеа да го задржи Оксфорд во Чемпионшип минатата сезона. Главната задача пред новиот стратег ќе биде експресно враќање на клубот во вториот по ранг англиски фудбалски ешалон.