Еден од хероите на досегашниот тек на Светското првенство е голманот на Курасао, Елој Рум, кој со своите одбрани импресионираше на големата сцена.
Рум беше еден од најзаслужните за историскиот бод што Курасао го освои против Еквадор во второто коло од групата Е, а во регионот е познат и како „српски зет“ поради бракот со српската инфлуенсерка Зорана Јовановиќ, која го бодри од трибините на Мундијалот.
Со популарноста која ја доби со настапот на голот на Курасао тој конечно и ја надминал неговата сопруга по бројот на следбеници на Инстаграм.
„Конечно ја надминав сопругата. Таа отсекогаш имаше огромен број следбеници, особено од Балканот, од каде што потекнува. Секогаш беше смешно што таа има повеќе следбеници од мене, но тоа сега се промени“, изјави Рум низ смеа.
Тој додаде дека популарноста стекната на Светското првенство може да му биде од голема корист и по завршувањето на фудбалската кариера.
„Веќе размислуваме и за тоа. Знам како функционира животот, особено благодарение на мојата сопруга. Социјалните мрежи се иднината и можат да помогнат и кога ќе заврши фудбалската кариера. Ако има компании што сакаат соработка, слободно нека се јават“, порача Рум низ шега.
Курасао во последното коло од групната фаза ќе игра против Брегот на Слоновата Коска и тој натпревар е закажан за на 27 јуни од 22 часот.