Селекторот на иранската репрезентација, Амир Галеноеи, остро ја критикуваше организацијата на Светското првенство по ремито 2-2 против Нов Зеланд, обвинувајќи дека логистичките проблеми и честите патувања сериозно влијаат врз неговиот тим.
Иранците во изминатите денови се соочија со бројни компликации поради политичките тензии меѓу Иран и САД. Репрезентацијата во последен момент ја премести својата база од Аризона во мексиканска Тихуана, а според ирански дипломатски извори, одлуката била донесена поради неизвесноста околу американските визи.
Дополнителни проблеми се појавиле по натпреварот во Лос Анџелес. Иранската експедиција очекувала да преноќи во градот и дури следниот ден да се врати во Мексико, но тоа не им било дозволено.
„Требаше да останеме тука вечерва за да се опоравиме и да се вратиме утре напладне, но не ни дозволија. Искрено, не знам зошто. Мислам дека сме можеби најугнетуваниот тим на целото Светско првенство“, изјави Галеноеи.
Стрелецот на голот за бод, Мохамед Мохеби, исто така беше разочаран од третманот што го добива репрезентацијата.
„Околностите се неверојатно неправедни. Мораме веднаш да се вратиме во Тихуана и немаме можност да се одмориме“, порача Мохеби.
Патувањето од Тихуана до Лос Анџелес траело дури пет часа, најмногу поради строгите имиграциски контроли на границата меѓу Мексико и САД.
Незадоволството го сподели и напаѓачот Мехди Тареми, кој смета дека ваквите услови директно се одразуваат на настапите на Иран.
„Ова не е добро ниту за нас, ниту за фудбалот. Мислам дека ФИФА мора повеќе да ни помогне“, изјави Тареми.
Искусниот напаѓач откри дека репрезентацијата имала хаотичен распоред, патувајќи од Тихуана до Лос Анџелес, потоа до хотелот и веднаш потоа на стадионот за обиколка на теренот. Засега ниту ФИФА, ниту американскиот Стејт департмент не се огласија по обвинувањата на Иранците.