Поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, на одличен начин ја започна својата нова авантура на клупата на Таџикистан.
Во пријателски натпревар одигран во Хисар, домашната селекција славеше убедлива победа над Индија со 3-1, носејќи им радост на навивачите на трибините.
Таџикистанците поведоа уште во деветтата минута, кога Бобоев сигурно реализираше удар од белата точка. Во продолжението домаќините ја потврдија доминацијата со уште два погодоци во второто полувреме. Каримов во 62. минута го удвои водството, а само шест минути подоцна Панџшанбе ги разреши сите дилеми околу конечниот исход.
Гостите од Индија успеаја да постигнат почесен погодок во завршницата, но тоа не ја намали радоста кај Ангеловски, кој со победа го отвори својот мандат на кормилото на таџикистанската репрезентација.