Натпреварите на Светското првенство кое ќе се одржи во САД би можеле да се соочат со долги прекини поради временските услови и строгите безбедносни протоколи кои важат во земјата.
Според американските правила, доколку се регистрира гром во радиус од околу 13 километри од стадионот, натпреварот веднаш се прекинува. Фудбалерите мора да се повлечат во соблекувалните, додека гледачите се упатуваат кон безбедни зони. Вакви ситуации веќе беа забележани на неколку натпревари од Светското клупско првенство во 2025 година, а постои можност истото да се случува и на натпреварите од Мундијалот.
Правилата предвидуваат мечот да може да продолжи дури откако ќе поминат 30 минути без нов удар од гром во близина на стадионот. Доколку во меѓувреме повторно се појави гром, одбројувањето започнува одново, што може да доведе до значително пролонгирање на натпреварите.
Токму поради тоа, временските услови би можеле да имаат големо влијание врз организацијата на натпреварите и распоредот на Светското првенство во Соединетите Американски Држави.