Шкендија Арачиново и Скопје од следната сезона ќе бидат дел од македонската Прва лига, откако денеска излегоа како победници во баражите за елитното друштво.
Вистинска се случуваше во Кавадарци, каде Шкендија Арачиново по изведувањето пенали го совлада Пелистер и обезбеди историски пласман во највисокиот ранг на натпреварување. Тимот од Арачиново беше подобар ривал во поголемиот дел од натпреварот и заслужено поведе во 53. минута преку Назифи, кој со одличен соло-продор ја затресе мрежата на битолчани.
Пелистер имаше идеална можност за израмнување во 66. минута, но капитенот Ивановски не успеа да реализира пенал. Неговиот удар го одбрани голманот Столевски, а во продолжението од акцијата Ивановски не успеа да погоди ниту речиси празен гол.
Кога изгледаше дека Шкендија ќе слави во регуларниот дел, Пелистер стигна до израмнување во последните моменти од натпреварот. Петар Петковски најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава погоди за 1-1.
Во пенал-серијата следуваше вистински трилер. Давид Анѓелески беше првиот што промаши кај Пелистер, а потоа не реализираше ниту Кире Ристевски, меѓутоа неговиот удар беше повторен поради нерегуларно движење на голманот, па тогаш погоди.
Конечната радост за Шкендија ја донесе Дервиши, кој беше прецизен во осмата серија и го завери пласманот на својот тим во Првата лига, а голманот Столевски се истакна со вкупно четири одбранети пенали.
Во вториот бараж, одигран во Битола, Скопје со минимални 1-0 ја совлада Брера и по три години се враќа во елитното друштво.
Иако натпреварот долго време беше без голови, Скопје беше поконкретен противник и создаде повеќе шанси. Голема можност пропушти Ангелов, кој не реализираше пенал во завршницата, но само неколку минути подоцна херој за скопскиот тим стана Трајчевски. По корнер и голема мешаница пред голот на Брера, тој најдобро се снајде и го постигна победничкиот погодок за големо славје на Скопје.
Така, Шкендија Арачиново и Скопје од следната сезона ќе бидат новите членови на македонската фудбалска елита, претходно како првопласирана екипа на табелата место во ПМФЛ, обезбеди и Брегалница.