Поранешниот француски репрезентативец Самир Насри се повлече од улогата стручен коментатор за финалето во Лигата на шампионите меѓу Арсенал и ПСЖ, откако бил навредуван од навивачи на парискиот клуб.
Насри требаше да работи за францускиот „Канал+“ на финалето во Будимпешта, но решил да се повлече по инцидентите на полуфиналниот меч против Баерн Минхен. Французинот објасни дека навредите кон него како поранешен играч на Олимпик Марсеј ги смета за очекувани, но дека проблем биле навредите кон неговата мајка.
„Како поранешен играч на Марсеј нормално е навивачите на ПСЖ да ме навредуваат, иако мислам дека имаа попаметна работа. Не ми е првпат да доживеам такво нешто и сигурно нема да биде последен пат. Но сметам дека за натпревар како ПСЖ против Арсенал подобро е во студио да има луѓе кои навиваат за клубовите, отколку некој неутрален како мене“, изјави Насри.
Иако остави силна трага во Арсенал, дел од навивачите на лондонскиот клуб никогаш не му го простија трансферот во Манчестер Сити во 2011 година, потег кој тогаш предизвика огромни реакции во англиската јавност.