Кристал Палас повторно го совлада Шахтјор Доњецк и обезбеди пласман во финалето на Конференциската лига.
Во реванш полуфиналниот натпревар одигран во Лондон, англискиот тим славеше со 2:1. Победата за домаќините беше обезбедена со автогол на Енрике и погодок на Исмаила Сар, додека единствениот стрелец за украинскиот состав беше Егуиналдо.
Со вкупни 5:2, Кристал Палас се пласираше во големото финале, каде што ќе се соочи со Рајо Ваљекано кој во лигашкиот дел од ова натпреварување играше и против Шкендија на свој терен во Шпанија.
Шпанскиот тим во второто полуфинале го елиминираше Стразбур со вкупни 2:0, откако вечерва на гостински терен славеше со минимални 1:0.
Херој на Рајо Ваљекано беше Алемао, кој во 42. минута го постигна единствениот погодок на натпреварот.
Финалето во Конференциската лига меѓу Кристал Палас и Рајо Ваљекано ќе се одигра на 27 мај на стадионот Ред Бул Арена во Лајпциг.