Приведен е поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини

by riste
2 минути читање

Утрово во акција на полицијата во координација со Основното јавно обвинителство беше уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини. Информациите велат дека тој се сомничи за проневера на околу 700.000 евра.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) и Министерството за внатрешни работи (МВР) излегоа со соопштенија за акцијата во која е приведен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини.

„Во рамките на предмет оформен од ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за понатамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“, стои во соопштението на ОЈО.

Со слично соопштение излезе и Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Полициски служеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода М.С. поради сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба“, се вели во соопштението на МВР.

На 10 февруари 2026 година Дисциплинската комисија на ФФМ изрече двегодишна забрана за сите фудбалски активности против Муамед Сејдини, со образложение за измама и нанесување значителна материјална штета поврзана со договорот за трибината во Охрид.

„Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), постапувајќи по пријава на Управниот одбор на ФФМ, донесе одлука за изрекување дисциплинска мерка забрана за вршење на функција во траење од две (2) години на Муамед Сејдини, делегат на Собранието на ФФМ, поради сторено дејствие „измама и доведување во заблуда орган на фудбалска организација“, согласно член 84 од Дисциплинскиот правилник.

Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27.11.2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД ДОО Скопје, за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда.

Истата одлука подоцна е потврдена и од Управниот одбор на ФФМ.

И покрај тоа, на 03.12.2024 година, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20%, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување.

Со ваквото постапување, Дисциплинската комисија утврди дека Муамед Сејдини го измамил и довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата, поради што му е изречена соодветната дисциплинска санкција“, соопшти тогаш ФФМ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×