Дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио, завршил во болница поради сериозни проблеми со стомакот, потврдија од клубот.
Од „кралскиот клуб“ информираа дека кај фудбалерот е дијагностициран бактериски ентероколитис, воспаление на дигестивниот систем предизвикано од бактерии како салмонела, ешерихија коли или кампилобактер.
Станува збор за состојба која може значително да го исцрпи организмот, особено кај професионалните спортисти, бидејќи често е проследена со дехидрација, висока температура и болки во стомакот.
Иако не е прецизирано кога Асенсио ќе се врати на терените, ваквите инфекции обично бараат период на закрепнување од една до три недели, во зависност од тежината и потребното време за враќање на физичката подготвеност.
Во меѓувреме, познатиот инсајдер Фабрицио Романо откри дека фудбалерот во изминатите две недели изгубил дури шест килограми.