Неколку фудбалери на Ал Ахли го кренаа гласот и сугерираа дека првенството на Саудиска Арабија е наместено за Кристијано Роналдо да се израдува на првиот шампионски трофеј.
Кристијано Роналдо беше првата голема ѕвезда која се пресели во Саудиска Арабија и отвори врата за сите останати.
Португалецот за ова убаво си наплати, заработува околу 200 милиони евра годишно, сепак изостана успехот со Ал Наср.
Но тоа веројатно ќе се промени оваа сезона, Ал Наср е на врвот на табелата со +2 во однос на Ал Хилал на шест кола пред крајот, а имаат и натпревар помалку.
Но сега пристигнаа сериозни обвинувања од Ал Ахли, третопласираниот на табелата, неколку играчи без да го споменат Кристијано Роналдо, сугерираа дека првенството е наместено.
Ова следи откако Ал Ахли одигра само 1-1 против Ал Феја, натпревар на кој не им беа досудени два пенали.
„Пеналите не можеа да бидат почисти“ – вели Иван Тони. „Не знам што повеќе требаше да се случи, зарем не е доволно што со две раце играше со топката?“
Англичанецот потоа открива каков чуден одговор добиле од судијата.
„Кога протестиравме, судијата ни рече да се фокусираме на Азиската Лига на шампиони. Како може да каже нешто такво? Ние зборуваме за тековниот натпревар, а тој ни вели да се фокусираме на Лигата на шампиони!“.
Запрашан кој има корист од ваквите одлуки, Тони со насмевка вели: „Сите знаеме кој, не ме терајте да го кажам името!“
Неговиот соиграч Галено на социјалните мрежи напиша: „Дајте му го трофејот и да не се мачиме. Очигледно по секоја цена сакаат да не исфрлат од трката и да го наместат трофејот за една личност. Ова е огромно непочитување кон нашиот клуб“.