Фудбалерите на Струга Трим Лум ќе го дочекаат Работнички во натпревар од 25 коло на ПМФЛ.
Средбата која ќе се одигра крај Охридското езеро е со важност за двата тима. Младинскиот репрезентативец на Македонија, Меметриза Хамза го најави дуелот со „романтичарите“ од Скопје.
„По паузата поради репрезентативните настапи, целта ни е да продолжиме таму каде што застанавме. Во серија сме од шест меча без пораз, со три победи по ред, и против Работнички ќе излеземе со јасна намера да ги освоиме бодовите. Ако ги исполниме задачите од стручниот штаб, верувам дека победата ќе остане во Струга. Работнички во последно време игра во добра форма и освојува важни бодови. Имаат квалитетен состав, па ќе мора да бидеме внимателни. Верувам дека анализите ќе ни помогнат да го наметнеме нашиот ритам и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Хамза.
Од таборот на Работнички своите очекувања ги сподели еден од странците, а тоа беше Џастин Крантове.
„Струга Трим Лум е еден од најдобрите тимови во лигата и ќе биде ова голем предизвик за нас. Но, подготвени сме. Во изминатите две седмици работевме напорно и сакаме да продолжиме со истиот ритам, затоа што ја пронајдовме формата што ја посакувавме за завршниот дел од првенството. Сѐ уште сме во незавидна позиција и мора да освојуваме бодови на секој натпревар. Се надевам дека ќе одиграме добро во Струга и дека на крајот ќе бидеме наградени за тоа“, кажа Холанѓанецот.
Средбата на „Градскиот стадион“ во Струга се игра во терминот од 15:30 часот.