Ливерпул се соочува со нов сериозен удар во завршницата од сезоната, откако Арне Слот потврди дека Алисон Бекер ќе паузира подолг период поради повреда.
Бразилскиот голман се здоби со проблем пред репрезентативната пауза и веќе го пропушти натпреварот против Брајтон, а според последните информации неговото враќање на терените нема да биде наскоро. Слот откри дека ситуацијата е посериозна од очекуваното и дека Алисон ќе биде надвор од тимот најмалку до крајот на април.
„Алисон нема да брани наскоро за Ливерпул. Ако е прашањето кога очекувам да се врати, одговорот е некаде пред самиот крај на сезоната. Според она што го знам во моментов, Али ќе биде во аут цел април, можеби и подолго“, изјави Слот.
Ова значи дека Ливерпул ќе мора да се снаоѓа без својот прв чувар на мрежата во серија важни натпревари, вклучувајќи ги битките во Премиер лигата, како и двомечот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против ПСЖ, а нема да брани ниту во ФА Купот против Манчестер Сити.