Австралија убедливо го совлада Курасао со 5-1 во пријателски натпревар одигран во Мелбурн, како дел од подготовките за Светското првенство.
Австралијците поведоа преку Авер Мабил во 23. минута, а Курасао израмни во 50. преку Арјани Марта. Сепак, потоа следеше целосна доминација на домаќинот, со голови на Алесандро Чиркати, Џордан Бос и двојниот стрелец Нестори Иранкунда, кој погоди во 80. и 84. минута.
Австралија ќе игра во групата Д на Мундијалот со САД, Парагвај и победникот од дуелот Косово Турција, додека Курасао е во група со Германија, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.
Овој островски тим е вистинска сензација, со само околу 156.000 жители, што го прави најмалата држава во историјата која изборила пласман на Светско првенство. Сепак, високиот пораз од Австралија со пет примени гола носи прашање што Курасао ќе може да понуди на планетарниот собир…