Скопје е нов лидер во Втората македонска фудбалска лига откако попладнево со 0-2 славеше на гостувањето кај Вардар Неготино, а екипата на Шкендија Арачиново киксираше дома и одигра 0-0 против Беласица.
Битката заз врвот во ВМФЛ се вжештува, Скопје попладнево ја презеде лидерската позиција со 50 бода откако триумфираше на гостувањето кај Вардар Неготино со 0-2.
На популарните „пирати“ во корист им одеше и резултатот на мечот помеѓу Шкендија Арачиново и Беласица, каде домаќините не успеаја да ги искористат своите шанси и одиграа само 0-0.
Но табелата може дополнително да се промени до крајот на денот, од 18 часот играат Брегалница и Охрид. Со триумф, домаќините ќе дојдат на 49 бода и ќе се вмешаат во битката за промоција, додека пак гостите со победа ќе избијат на чело на табелата.
Што се однесува до долниот дел на табелата, продолжува „мртвата трка“ за опстанок, екипите кои се борат за спас стигнаа до победи.
Детонит Плачковица со убедливи 6-0 славеше против Победа, Тетекс со 3-0 ја доби пресметката против Саса, а со 3-0 триумфираше и Кожув против Големо Коњари.