Фудбалерите на Тиквеш ја оправдаа улогата на фаворити и уште еднаш во сезоната го декласираа Шкупи, славејќи убедливи 6-0.
Резултатот беше отворен уште во петтата минута со голот на Лавал за 1-0, а до крајот на првото полувреме Лусианињо, погоди двапати за сигурни 3-0. На самиот старт од вториот дел Лусианињо го комплетираше хет-трикот, додека Ѓорѓиевски и Стојанов ги поставија конечните 6-0.
Ова е втора убедлива победа на Тиквеш над Шкупи во сезоната, откако во февруари го совладаа со истиот резултат.
Со овие три бода, тимот од Кавадарци стигна до 33 бода, седум повеќе од Арсими, кој е на осмата позиција, последна која носи место во плеј-офот за опстанок. Арсими својот натпревар од ова коло ќе го игра попладнево против Шкендија.