Состојбата во Партизан станува сѐ поалармантна и некогашниот шампион на Србија се соочува со сериозна неизвесност во пресрет на следната сезона.
Наместо стабилизација, новото раководство дополнително ја продлабочило кризата во клубот. Според српските медиуми, финансиската слика е крајно загрижувачка и доцнат плати за фудбалерите и вработените, а проблем има и со сервисирање на основните трошоци. И покрај тоа што неодамна пристигнала значителна финансиска поддршка од државата, очигледно таа не била доволна за да ги покрие наталожените обврски.
Дополнителен притисок претставува и најавениот мониторинг од УЕФА во март, по кој ќе стане јасно дали белградскиот клуб ќе добие лиценца за настап во европските натпреварувања. Без исполнување на финансиските критериуми, „црно-белите“ би можеле да останат без излез на меѓународната сцена.
Атмосферата во Хумска е далеку од идеална, а неизвесноста се чувствува и на теренот, па така тоа сигурно може да се одрази и на резултатите.
Ако Партизан успее да ја заврши сезоната без дополнителни потреси и со барем минимална стабилност, тоа навистина ќе се смета за мал фудбалски подвиг со оглед на проблемите што сега владеат во клубот.