Фудбалерите на Реал Бетис утре ќе се појават на теренот во несекојдневен дрес изработен делумно од кора од портокал и рециклирани материјали, со силна еколошка порака во време кога Андалузија се соочува со сериозни дождовни невремиња.
Под слоганот „Животот во зеленило започнува во соседството“, клубот од Севиља ја претстави специјалната опрема што ќе ја носи на дуелот против Рајо Ваљекано во рамки на 25. коло од Ла Лига.
Од таборот на Бетис објаснуваат дека станува збор за прв фудбалски дрес направен од портокали, симбол на градот и регионот. Проектот има за цел да потсети на климатските предизвици, екстремните температури и потребата од похумани и поодржливи урбани средини.
Според портпаролката на иницијативата, Мерцедес Јеламо Мена, 16 проценти од материјалот се добиени од влакна од портокал, додека остатокот е комбинација од рециклиран полиестер и дрвна пулпа. Посебен впечаток оставаат и броевите на дресовите во портокалова боја, отпечатени со мастило без штетни хемикалии кое при гребење ослободува мирис на цвет од портокал.
„Пораката сакаме не само да се види, туку и да се почувствува“, потенцира Јеламо Мена, испраќајќи јасен сигнал дека фудбалот може да биде повеќе од игра – платформа за подигнување на еколошката свест.