Eкипата на Јувентус вечерва се извлече од пораз против Лацио во Торино одигрувајќи 2-2. „Старата дама“ до бод дојде со голот во последните моменти на средбата.
Јувентус прв ја затресе противничката мрежа кога во 26-тата минута Копмајнерс го совлада Проведел, но тој гол на домаќините беше поништен поради офсајд во кој се најде Турам при ударот на холандскиот репрезентативец.
Лацио тоа го искористи и во судиското продолжение од првото полувреме со голот на Педро дојде до предност. Само што започна второто полувреме, Исаксен успеа да избега на одбраната на „старата дама“ по едно додавање од Каталди и стрелаше за 2-0.
Јувентус тргна во комплетна офанзива и на истекот на еден час игра преку Мекени намали на 2-1. Во продолжение видовме по некоја прилика и на двете страни, а се до завршницата Јувентус не успеаваше да дојде до гол за израмнување.
Тогаш во петтата минута од судиското продолжение Калулу искористи нафрлувањето на новото засилување Бога и погоди за 2-2.
Во следното коло Јувентус го чека големото дерби против Интер и тоа на гости во Милано.