Милан одлучи да не го ангажира Жан-Филип Матета, откако клупските челници проценија дека потребната операција на коленото претставува преголем ризик, па во клубот и понатаму размислуваат за нови опции за на лето.
„Росонерите“ не се откажуваат од идејата да донесат уште еден напаѓач и во летниот преоден рок. Во изминатиот период се споменуваше и името на Душан Влаховиќ, но станува јасно дека финансискиот пакет потребен за српскиот репрезентативец е тешко остварлив, поради што вниманието е насочено кон напаѓачот на Фиорентина.
Новата цел на Милан е Моизе Кин. Масимилијано Алегри добро ги познава неговите квалитети од заедничката соработка во Јувентус, но проблем претставува откупната клаузула која изнесува дури 62 милиони евра.
Кин има важечки договор со Фиорентина до 2029 година, а Милан ќе се обиде да најде начин да го донесе за помала сума од предвидената клаузула.
Оваа сезона напаѓачот има настапи на 25 натпревари, постигна шест голови и запиша три асистенции, а во моментов важи за најсветлата точка во составот на „виолетовите“.