Лапорта лут: Не ми е јасно од каде имаше десет минути продолжение

by Стефан
1 минути читање

Барселона за викендот рутински го совлада Елче со 3-1 во рамките од 22. коло во Ла Лига, но по натпреварот фокусот повторно се префрли на судењето. Претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта, јавно изнесе сериозни забелешки и директно посочи дека најголемиот ривал добива привилегиран третман од арбитрите.

Повод за ваквата реакција беа случувањата на дуелот меѓу Реал Мадрид и Рајо Ваљекано, кој „кралскиот клуб“ го доби со 2-1, благодарение на пенал реализиран длабоко во судиското продолжение во 100. минута.

„Го следев тој натпревар и навистина не ми е јасно од каде произлегоа десет минути продолжение. Имаше многу ситуации во кои играчите намерно паѓаа, а тоа требаше да биде санкционирано со жолти картони. Пеналот беше апсолутно непотребен, играчот кој падна не беше ниту допрен. Тоа беше претерано“, истакна Лапорта.

Првиот човек на Барселона отиде и чекор подалеку, алудирајќи дека постои системско фаворизирање.

„Постојано се создава слика преку нивната телевизија дека еден клуб е оштетен, со што се врши притисок врз судиите. Во реалноста, се случува токму спротивното“, додаде тој.

По 22 одиграни кола, Барселона се наоѓа на врвот на табелата со 55 бодови, Реал Мадрид е веднаш зад неа со 54, додека Атлетико Мадрид е трет со 45 бодови.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×