Фудбалскиот шампионат во Кина започнува во февруари, а завршува во ноември, слично како во скандинавските и јужноамериканските држави. Сепак, тоа е само еден дел од спецификите кои ја издвојуваат кинеската Суперлига од останатите национални првенства.
Елитното натпреварување брои 16 клубови, но новата сезона за поголем дел од нив ќе започне со сериозен хендикеп. Дури девет екипи ќе стартуваат со негативен бодовен салдо, откако Фудбалскиот сојуз на Кина изрече строги санкции поради вмешаност во местење натпревари, коцкање и коруптивни активности.
Покрај одземањето бодови, кинеската федерација изрече и финансиски казни за вкупно 13 клубови. Паричните санкции се движат од 200.000 јуани, односно околу 24.000 евра, па сè до еден милион јуани, што изнесува повеќе од 120.000 евра.
Од ФС на Кина појаснуваат дека казните се одредени врз основа на тежината на прекршоците и степенот на инволвираност на секој клуб во недозволените активности, нагласувајќи дека нема да има толеранција за вакви појави во иднина.
Антикорупциската акција во кинескиот фудбал кулминираше минатиот септември, кога 43 лица, меѓу кои судии и фудбалери добија доживотна забрана за работа во фудбалот. Најпознато име во овој скандал е поранешниот играч на Евертон, Тие Ли, кој заврши во затвор поради малверзации. Тој последен пат беше активен како селектор на репрезентацијата на Кина, функција што ја извршуваше до 2021 година.
Што се однесува до бодовните казни, ако се изземат четирите клубови кои директно беа исфрлени во понизок ранг, најтешко поминаа вицешампионот од минатата сезона, Шангај Шенхуа, како и Тијанџин Тајгерс. На двата клуба им беа одземени по 10 бодови уште пред стартот на новата сезона.
