Францускиот фудбалер Муса Сисоко е ново засилување на Панатинаикос, потврдија од грчкиот клуб.
Искусниот 36-годишен играч од средниот ред во Атина пристигнува од редовите на Вотфорд, а со „зелените“ потпиша договор на една и пол година.
Пред трансферот во англискиот клуб во јули 2024 година, Сисоко има богата кариера и настапувал за Нант, Њукасл, Тулуз и Тотнем. Токму во дресот на лондонскиот клуб го имаше еден од најдобрите периоди во кариерата, откако во сезоната 2018/19 беше избран во идеалниот тим на Лигата на шампионите.
Со репрезентацијата на Франција, Сисоко одигра 71 натпревар и постигна два гола, а најголемиот репрезентативен успех го оствари на Европското првенство во 2016 година, каде што со „триколорите“ стигнаа до сребрениот медал.
Грчкиот гигант моментално се наоѓа на петтото место на табелата во домашниот шампионат, а оваа сезона обезбеди и пласман во плеј-офот за осминафиналето во Лигата на Европа, каде што ќе се соочи со Викторија Плзењ.