Легендата на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, јавно изрази сомнеж дека Мајкл Керик е вистинското долгорочно решение за клупата на „црвените ѓаволи“, и покрај победата над Арсенал во Лондон со 3-2. Иако Керик забележа добар старт како тренер на Јунајтед, Кин не е убеден дека тоа е доволно за да добие доверба на подолг рок.
„Два одлични натпревари, но секој може да добие две средби. Дури и ако Јунајтед ги добие сите натпревари до крајот на сезоната, јас повторно не би му ја дал работата. Сѐ уште не би бил убеден дека е вистинскиот човек за тоа место. Апсолутно не“, изјави Кин.
Поранешниот капитен на Јунајтед смета дека клубот има потреба од тренер со поголем авторитет и докажан квалитет.
„Ним им треба поголем и подобар тренер. Толку голем клуб, со толку големи предизвици во следните неколку години, бара тренер за кој чувствуваш дека може да ти донесе титула во Премиер лигата. Ќе седиме ли сега тука и ќе зборуваме дека Мајкл Керик може да му донесе титули на Јунајтед. За мене тоа не е доволно. Не верувам дека тој е вистинскиот човек“, порача Кин.
Сепак, Ирецот не беше целосно негативен и истакна дека има и позитивни поместувања во играта на тимот.
„Со оглед на тоа каде беа, а каде се сега, се врати малку дрскоста и смиреноста во играта. Два брилијантни гола, играчите од клупата имаа големо влијание. Се слушаа навивачите, како во некои стари добри времиња. Керик заврши навистина добра работа. Две брилијантни средби, вистински квалитет“, истакна Кин.
Манчестер Јунајтед моментално се наоѓа на четвртото место на табелата во Премиер лигата со 38 бодови.