Голем број на извори објавија дека талентираниот фудбалер на Барселона, Дро ќе потпише договор со ПСЖ и кариерата ќе ја продолжи во Париз.
„Каталонците“ ќе останат без еден од најголемите таленти во школата, перспективниот Дро го известил раководството дека го напушта „Камп Ноу“ со активирање на откупната клаузула од 6 милиони евра.
Младото момче, кое оваа сезона доби шанса од Ханси Флик, се правдало дека во Барселона има голема конкуренција во средниот ред и офанзивата, па неговата минутажа ќе била ограничена.
Но очигледно ова е само изговор со оглед на тоа дека Дро си подал рака со ПСЖ за договор до јуни 2030 година.
„Светците“ исто така се прилично добро пополнети во средниот ред и офанзивата, па јасно е дека изборот на Дро е мотивиран од парите, а не толку многу од минутажата.
Останува да се види дали момчето ќе успее да блесне во Париз, или слично како Чави Симонс, ќе мора да се докажува на друго место.
Холанѓанецот беше еден од најголемите таленти во школата на Барселона, но во 2019 доби богата понуда од ПСЖ и го замени Камп Ноу со Паркот на Принцовите. Но никогаш не доби вистинска шанса и талентот го покажа прво во ПСВ, а потоа и во РБ Лајпциг.
ФОТО: X/FC Barcelona