Фабрицио Романо со своето препознатливо „Here we go“ го означи почетокот на трансферите во 2026 година и ја објави првата голема зделка. Паскал Грос повторно ќе го облече дресот на Брајтон, откако е постигнат договор за негово заминување од Борусија Дортмунд. Германскиот интернационалец ќе ги мине лекарските прегледи во првите денови од 2026 година, по што официјално ќе стави потпис на договорот со премиерлигашот.
Искусниот играч за врска најдлабока трага остави токму во Брајтон, каде што беше еден од клучните фудбалери на тимот. Во периодот поминат кај „галебите“ одигра 261 натпревар, постигна 32 голови и забележа 53 асистенции, бројки кои го вбројуваат меѓу најуспешните играчи во историјата на клубот.
По епизодата во Дортмунд, Грос реши да се врати на „Амекс“, каде што повторно се очекува да има важна улога. Во текот на својата кариера тој настапуваше и за Инголштат, Хофенхајм и Карлсруе, а неговото враќање во Англија веќе предизвикува големо внимание кај навивачите на Брајтон.