Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ ги сподели деталите за договорот на Гоце Седлоски за селектор на македонската фудбалска репрезентација.
Седлоски доби двегодишен договор со можност за продолжување на уште две години, до јуни ќе остане да работи и во Вардар.
„Му се заблагодарувам на Боби Милевски за досегашната работа, но фудбалот е таков, промените се нормални, сега го промовираме Гоце Седлоски. На репрезентацијата и е потребна нова енергија, треба нешто ново за да го оствариме пласманот на СП. Додека беа натпреварите имавме и подобри шанси, но тоа е фудбалот, носи радости и разочарувања, таков беше резултатот во Велс и донесовме одлука за промена“, вели Омерагиќ.
„При избор на селектор се водевме од тоа да избереме човек со фајтерски карактер, да нема страв, тоа го пронајдовме во ликот на Гоце Седлоски. Веруваме со него можеме да ја елимираме Данска, затоа и ги направивме промените. Кој не верува дека можеме да ја елиминираме Данска нека не се качува во авионот“.
„Договорот е формална соработка, во фудбалот тие не значат многу ако нема резултати. ФФМ максимално застанува зад Гоце Седлоски. Договорот ќе биде двегодишен со можност за продолжување на уште две. Бидејќи до јуни имаме само седум дена прозор за репрезентација, Гоце Селодски ќе работи про-боно до крајот на јуни во репрезентација. Ние не сакаме да наштетиме на било кој клуб, така беше и со Станиќ во младата репрезентација, така ќе биде и со Седлоски, тој ќе работи и во Вардар. Ние сме убедени дека Гоце Седлоски е најдоброто решение и времето ќе покаже дали тоа е така“.