Фудбалската сезона во Туркменистан и официјално е заокружена, а титулата третпат по ред заврши кај ФК Аркадаг, клуб кој постои само од 2023 година и од своето основање досега не знае за неуспех на домашната сцена.
Она што го прави овој случај речиси неверојатен е перфектниот учинок на Аркадаг во првенството. Во трите сезони во кои настапуваше, клубот оствари 82 победи без ниту едно реми или пораз. Кога на тоа ќе се додадат и 14-те триумфи во куп-натпреварите, се добива фантастичен домашен биланс од 96 победи на исто толку одиграни натпревари, без загубен бод. Иако ваквите бројки на прв поглед звучат нереално, причините зад нив не се тешки за откривање.
Клубот беше формиран на 1 април 2023 година од Гурбангули Бердимухамедов, поранешен претседател на Туркменистан, кој ја водеше државата од 2006 до 2022 година. Неговиот режим често беше окарактеризиран како авторитарен, а континуитетот на власта беше задржан и по неговото повлекување, бидејќи претседателската функција ја презеде неговиот син Сердар Бердимухамедов, по избори што меѓународната јавност ги оцени како нефер.
Иако формално се тргна од челната позиција, Гурбангули Бердимухамедов и понатаму има значајно политичко влијание и моментално ја извршува функцијата претседател на горниот дом на парламентот.
Со основањето на Аркадаг, речиси целата елита на туркменистанскиот фудбал и најдобри фудбалери и тренери од оваа земја се пресели во овој клуб, па така останатите останаа без некооја шанса да можат да бидат конкурентни.