Поранешниот напаѓач на Евертон и Манчестер јунајтед, Вејн Руни смета дека Мохамед Салах не треба да игра на стара слава и откри како тој се справил при една слична ситуација со Жозе Мурињо.
Интервјуто на Мо Салах кое предизвика потрес на „островото“ и понатаму е топ тема, свое видување за целата ситуација даде Вејн Руни.
„Треба да сте малку арогантен за да кажете дека не треба да го заслужите местото во тимот и да очекувате да играте само на стара слава“ – вели поранешниот напаѓач на Евертон и Манчестер јунајтед.
„Јас би рекол дека всушност Салах го „фрли под автобус“ Ливерпул, а не обратно“.
„И јас имав слично искуство со Жозе Мурињо. Сезоната ја започнавме јас и Златан, и знаев дека Жозе игра само со еден во нападот“.
„Во првите три или четири натпревари игравме заедно, но знаев дека штом ќе влезам во лоша серија, ќе се преселам на клупата и Златан ќе биде главниот напаѓач“.
„Па седнавме со Жозе и имавме искрен разговор. Го прашав дали може да заминам во јануари бидејќи сакав да играм. Тој ми одговори негативно, ми кажа дека сум му потребен, дека ќе имам минутажа во Лига Европа и дека ќе ми дозволи да заминам само летоска“.
„Си подадовме рака и не се пожалив ниту еднаш после тоа. Бев резерва, го давав максимумот кога ќе добиев шанса“.
„И мислам дека Мо Салах требаше да го направи ова наместо да излезе со тоа интервју“.