Фудбалската репрезентација на Чешка доживеа вистинска драма на Фарските Острови, не само поради сензационалниот пораз (2-1), туку и поради фактот што не може да ја напушти земјата поради екстремно лоши временски услови.
Натпреварот се одигра во неделата навечер, а чешката експедиција составена од фудбалерите, стручниот штаб, раководството на федерацијата и спонзорите требаше да замине за Прага вчера претпладне. Сепак, поради густа магла и силен ветер, летот беше откажан, па сите сè уште се наоѓаат на Фарските Острови.
Чартер летот што требаше да ги врати фудбалерите бил организиран од Осло, но пилотите одбиле да слетаат на аеродромот Вагар, кој се наоѓа меѓу планини и има кратка писта што во вакви услови претставува сериозен ризик. Проблеми имал и вториот авион резервиран за спонзорите и партнерите на федерацијата, кој исто така не можел да полета од истите причини, па сите повторно биле сместени во хотел.
Среќа да заминат од Фарските Острови имале само Лукаш Хорничек и Томаш Соучек, чии клубови Брага и Вест Хем успеале да им обезбедат летови уште вчера наутро, пред временските услови целосно да се влошат.
Сепак, во текот на денешниот ден условите на островот се подобрија и Чесите објавија дека се подготвени да заминат со својот чартер лет. Со тоа се комплетира еден од најтешките „излети“ на чешката фудбалска репрезентација, бидејќи освен понижувањето на теренот се соочија и со непланирани проблеми надвор од него.
On the way back to Prague ✈️ https://t.co/NijoA8QLyX pic.twitter.com/YVZtZhIX0o
— Czech Football National Team (@ceskarepre_eng) October 14, 2025